Започнаа градежните активности за подобрување на атмосферската мрежа кај Мост

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и в.д. директорот на ЈП “Водовод и канализација”, Бојан Василевски денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи на атмосферскиот колектор под стоковната куќа „Мост“, на дел од булеварот Гоце Делчев.

Оваа локација на булеварот Гоце Делчев е една од десетте точки во градот што редовно се поплавуваа при поројните дождови изминатиот период.

– На оваа локација покрај активностите на постојаната атмосферска мрежа, ќе биде изграден дополнитен колектор со профил Ф 500 милиметри, во должина од 62,1 метар и тоа од јужниот коловоз до приклучокот во постоечкиот атмосферски колектор Ф 1000 милиметри. Воедно, подолжно по јужниот коловоз ќе биде изведен армирано-бетонски монолитен канал во должина од 30 метри, а попречно, по двата коловоза ќе биде изведен армирано бетонски монолитен канал во должина од 27 метри со зафат преку попречни и подолжни решетки со канали од двете страни на булеварот. Со овие зафати и зголемувањето на капацитетот на атмосферскиот колектор, сметаме дека значително ќе се подобри одведувањето на атмосферските води и ќе спречи поплавување на коловозот во услови на интензивни врнежи – кажа градоначалникот Трајановски.

В.Д. директорот Василевски ги објасни техничките детали за изведба на дополнителната атмосферска мрежа под стоковната куќа „Мост“.

– Изведба на дополнителната атмосферска мрежа под стоковната куќа „Мост“ ќе работат градежниците на компанијата „Жикол“, а градежните работи се очекува да завршат за 50 работни дена. Овој проект е изработен и финансиран од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и за овој зафат ќе бидат издвоени околу 2,5 милиони денари.

Градежните зафати за подобрувањето на атмосферската канализациска мрежа на дел од булеварот “Гоце Делчев”, под стоковна куќа „Мост“ е дел од активностите кои Градот Скопје ги превзема за надминување на проблемите и поплавите кои се создаваа на десетте критични точки по поројните дождови. Досега е интервенирано на дел од улицата “Финска”, а во завршна фаза се и активностите на булеварот “Киро Глигоров”. На останатите места ќе се интервенира по завршување на сите законски постапки и спроведување на јавни набавки и се очекува најголемиот број на градежните работи за завршат за неколку месеци. За сите овие интервенции Градот Скопје ќе одвои околу 2 милиони евра.

Градот Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи на дел од булеварот Гоце Делчев и доколку се во можност во своето движење да ја користат околната патна мрежа.