Започнаа градежните активности за Скејт паркот во Прилеп

Градот под марковите кули ќе добие Скејт парк кој ќе биди со површина од 1.331м2 и ќе може да се користи за возење на скејтборд, ролери или BMX велосипеди. Исто така просторот ќе може да се користи и за разни други културни случувања или спортски натпревари.

„Една од основните цели при функционирањето на локалната самоуправа е создавање услови за правилен психо-физички развој на децата и младите луѓе. За остварување на тоа од пред 7 години започнавме со изградба на игралишта во сите делови од градот, терени за мал фудбал од кои дел покриени со вештачка трева, кошарка, повеќенаменски простори“,  посочи градоначалникот Марјан Ристески.

Скејтпаркот ќе се состои од повеќе делови како функционални целини. Бетонските површини ќе бидат околу 900м2 и функционално ќе бидат поделени на дел за почетници кој што ќе го сочинуваат рампи, скали, метални препреки и огради, помали надвишувања и аморфен базен со различна длабочина од 80см па се до 2м. Одделен од него ќе биди делот за искусни кој што ќе биде базен со аморфна форма и со длабочина од 2м која што максимално се зголемува до 3м. Бетонските површини меѓусебно ќе бидат поврзани со тревната површина. Оваа идеја беше предложена на денот на идеи од група млади луѓе.