Започнува чистење на Монт Еверест, туѓиот отпад земете го на враќање

Властите во Непал одлучија да го исчистат Кровот на светот од 50 тони отпад, со кој планинарите ги затрупувале падините изминатите шест децении.

Властите во престолнината Катаманду воведоа нов пропис за алпинистите кои имаат намера да го освојат Монт Еверест, најголемиот врв на светот (8.848 метри). Тие, од 1 април покрај отпадот кои сами ќе го направат, треба со себе да понесат и осум килограми отпад кој порано зад себе го оставиле другите планинари. Ако тоа не го сторат, им се заканува тужба.

ekspedicija„Експедицијата ќе мора да ја предаде кесата со отпад во канцеларијата која ќе биде отворена во близина на базниот логор. Сите наши претходни напори планината да се исчисти, не дадоа резултат. Овојпат доколку алпинистите не донесат отпад, ќе бидат строго казнети, “ изјави Мадусудан Бурлакоти од Министерството за туризам, додавајќи дека на овој начин само оваа година треба да се исчистат осум тони отпад.

Монт Еверест за првпат беше освоен во 1953 година.Туристичките експедиции оставија трага на животната средина. Се проценува дека планината е затрупана со 50 тони отпад, поради што некои овој врв го нарекуваат највисока светска депонија.

Како отпад се јавува хартија во која била спакувана храната, конзерви, вреќи за спиење, празни боци од кислород, јажиња и друга алпинситичка опрема, па дури и тела на настардани планинари кои не можат да се распаднат поради исклучително ниски температури.

Иако еколозите во повеќе наврати побараа од непалската влада да го забранат освојувањето на Монт Еверест за да се „одмори и заздрави“, таа тоа го одби бидејќи годишно од планинарење заработува 3,3 милијарди долари. Освен тоа, неколку десетина илјади сопственици на хотели, водичи и носачи на товар живеат од туризмот на Хималаите, имајќи предвид дека во Непал се наоѓаат осум од 14 највисоки планински врвови.

МОНТ ЕВЕРЕС НИЗ БРОЈКИ:
-35 експедиции годишно се обидуваат да го освојат Монт Еверест;
-240 луѓе починале во обид да го освојат Монт Еверест;
-13 тони отпад се исчистени од Монт Еверест во 2008 година;
-4,4 тони отпад собрал индиско-непалскиот тим во 2013 година;
-2,5 тони отпад спаѓа во „биолошки опасен отпад“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.