Започнува изградбата на гасоводот Клечовице-Блок станица 5

Денеска во Република Македонија започнува изградбата на еден од најзначајните проекти, магистралниот гасовод Делница Клечовце- Блок станица 5, како дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем.

Изградбата е во непосредна близина на регионалниот пат Куманово- Свети Николе, на 26 километри од Куманово.

Целиот проект се проценува на 75,7 милиони долари (од кои 60 милиони произлегуваат од подмирувањето на клириншкиот долг), па според пишувањето на руските медиуми, Македонија во овој проект ќе учествува со 15 милиони долари.

Со овој гасовод термоцентралата во Неготино ќе се поврзе со српската граница, а освен за снабдување на Македонија, овој гасовод ќе може да се користи и како дел од новиот планиран гасовод Турски поток.

Според информацијата која вчера ја објави Ројтерс, гасоводот треба да биде готов до јуни 2016 година.

Магистралниот гасовод од Клечовце до Кавадарци беше планиран повеќе години, со цел да се отвори можност за префрлање на ТЕЦ Неготино од мазут на гас. Проектот требаше да биде финансиран пред се со пребивање на рускиот клириншки долг, а со години наназад се експроприраше и земјиштето по должината на планираната рута, за да може да се изгради овој гасовод.

Ова е првата фаза од гасоводот Клечовце – Неготино, кој ќе е со должина 61 км должина и дијаметар 508 мм. Гасот треба да биде испорачан до градот Штип. Потоа ќе се изградат уште 60 километри цевководи за поврзување со гас систем во Грција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.