Започнува предизборната претседателска кампања

Денеска започнува предизборната кампања за претстојните претседателски избори, а кандидатите кои ќе ја трчаат претседателската трка се Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид ќе ја започне кампањата од каде што редовно ги стартува своите изборни активности.

За време на кампањата за претседателските избори и скратената за пет дена за предвремените парламентарни избори, партијата ќе одржи повеќе митинзи, како и мали митинзи и средби со граѓаните од целата држава. Иванов вчера во Скопје ја претстави својата програма за претстојните избори.

На Конвенција во Универзалната сала во Скопје СДСМ денеска ќе го промовира претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Од опозициската партија велат дека овој пат кампањата ќе биде поинаква од претходните и дека повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓани, но оти ќе има и митинзи. Застапени се и на интернет, а ги користат и социјалните мрежи.

ГРОМ и кандидатот за претседател Зоран Поповски кампањата ќе ја почнат во Лептокарија, каде што вечер ќе се одржи централен митинг.

Од ДПА најавуваат кампања, со повеќе средби со граѓани и без масовни митинзи. Нивниот кандидат е Илјаз Халими, кој вечерва заедно со своите сопартијци ќе ја претстави својата платформа на митинг во скопски Чаир.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 13-ти април, додека вториот круг од изборите е на 27 април, кога ќе се одржат и предвремените парламентарни избори.