Започна изградбата на спортското игралиште во Василево

Во неделата започна изградбата на повеќенаменско спортско игралиште во населеното место Добрашинци во Ппштина Василево, коешто се гради во дворот на училиштето, а освен учениците во редовната настава по физичка култура, ќе го користат и останатите жители на селото.

„Опременоста со рефлектори ќе овозможи спортување и во ноќните часови. Средствата за изградба на ова игралиште изнесуваат околу 3.250.000 денари и се обезбедени од буџетот на општина Василево. Игралиштето ќе биде со стандардни димензии и опремено со стативи и кошеви со што ќе може да се практикуваат повеќе спортови. Изведувач на градежните работи е компанијата ’Пешо инженеринг’“, рече градоначалникот на Василево, Ванчо Стојанов.

Истовремено финишираа градежните активности на спортското игралиште во село Дукатино, за што беа потрошени 3,1 милион денари од општинскиот буџет.

„Општината вложи многу во изминатиот период во спортската инфраструктура, а во сето тоа ни помогна Владата на РМ, Министерството за образование и Агенцијата за млади и спорт. Добрата соработка со АМС се надевам дека ќе продолжи и во наредниот период и ќе резултира со реализација на уште многу други проекти во нашата општина“, додаде Стојанов.

Во наредниот период, според Стојанов, во насока на исполнување на програмата на општина Василево ќе следува и изградба на по едно повеќенаменско игралиште во Едрениково и Чанаклија со што, според локалните власти, спортската инфраструктура во сите населени места ќе биде заокружена.