Започна реконструкција на булеварот „Васко Карангелевски“

Градот Скопје во понеделникот ги започна градежните работи за реконструкција на дел од булeварот „Васко Карангелевски“ во општина Аеродром.

На почетокот на градежните работи присуствуваа градоначалниците на Град Скопје и Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.

„Станува збор за реконструкција на булеварот ‘Васко Карангелевски’ на потег од крстосницата со булеварот ‘Јане Сандански’ до крстосницата со булеварот „АСНОМ“ кај ‘Хотел Русија’, во должина од 600 метри. Со проектот е предвидено гребење на горниот слој од постојнииот коловоз и нанесување на нов асфалт од типот сплит мастик. Со реконструкцијата на овој булевар, кој во моментов е во катастрофална состојба, значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот и се надевам дека градежните работи ќе завршат во текот на месец септември“, рече градоначалникот Трајановски.

Покрај санацијата на коловозот, со овој проект е предвидена и санација на рабниците и реконструкција на дел од тротоарите.

На терен ќе работат екипите на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, додека за реализацијата на овој проект Градот Скопје ќе вложи 7,8 милиони денари.