Започна реконструкцијата на улицата Кемал Сејфула

Започна реконструкцијата на улицата Кемал Сејфула
Започна реконструкцијата на улицата Кемал Сејфула

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општината Бутел, Петре Латиновски, денес го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на коловозот на улицата Кемал Сејфула во Чаир, на потегот од крстосницата со улицата Ферид Бајрам и Втора македонска бригада до крстосницата со улицата Босна и Херцеговина.

Станува збор за реконструкција на коловозот на дел од улицата Кемал Сејфула на потег со вкупна должина од 375 метри. Оваа реконструкција претставува продолжување на проектот за реконструкција на улицата Кемал Сејфула што Градот Скопје го реализираше во 2010 година, кога беше реконструирана улицата Кемал Сејфула на потегот од крстосницата со булеварот Џон Кенеди до крстосницата со улиците Втора македонска бригада и Ферид Бајрам. Сега, во текот на градежните работи на оваа делница од улицата Кемал Сејфула ќе се отстрани постојниот оштетен асфалт, ќе се нивелираат 22 шахти и сливници, ќе се заменат оштетените рабници, каде што ќе се јави потреба ќе се засили и носечкиот слој, а потоа на коловозот ќе се нанесе нов асфалтен слој и ќе се обележи хоризонталната сигнализација. Реконструкцијата на оваа делница треба да заврши за еден месец, но ќе се направат напори истата да биде готова пред почетокот на училиштната година, кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Латиновски изјави дека реконструкцијата на оваа улица претставува реализирање на ветување дадено на жителите од овој дел на градот.

При редовните средби со жителите и со претставниците на урбаните заедници, реконструкцијата на овој дел од Кемал Сејфула е еден од проектите за кои добивме најмногу барања. Станува збор за исклучително важен проект, кој се реализира во вистински момент, бидејќи на овој дел од улицата Кемал Сејфула се лоцирани основното училиште „Петар Здравковски Пенко” и СУГС “Арсениј Јовков”, изјави Латиновски.

Реконструкцијата на оваа улица во голема мера ќе придонесе да се зголеми безбедноста во одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот.

Градежните работи за реконструкција на оваа делница од улицата Кемал Сејфула ќе ги изведуваат екипите на градежната компанија „ЈУ БАЈ“.

Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 4,5 милиони денари.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.