Започна завршната фаза од истиснувањето на ИД од последниот дел на Мосул

(Photo by AFP)

Ирачките безбедносни сили во неделата ја започнаа завршната операција против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) која сѐ уште под контрола го држи стариот град од вториот по големина град во земјата Мосул.

Војска, специјалните противтерористички сили и шиитската милиција започнаа напад врз старото градско јадро на Мосул, се наведува во соопштението на командантот со операцијата, генералот Абделамир Џарала. Командантот на елитните антитерористички единици, генералот Абдел Вахаб ал-Саади за AFP ги потврдил почетокот на нападот врз стариот град.

Воздушните напади започнале по полноќ кон неделата, а копнените операции врз делови од стариот град во мугрите, прецизирал офицер од команандата којашто ја води операцијата. Заземањето на овој дел од Мосул, каде што според процените на ОН се опколени околу 100.000 цивили, е клучно за преземањето на целиот град од Исламската држава, нивното последно урбано упориште во Ирак.

Со поддршка на меѓународната коалиција предводена од САД, ирачките сили од октомври 2016 годна водат голема офанзива против Исламската држава во Мосул, градот на северот од Ирак кој сунитските џихадисти го заземаа со ненадејната офанзива во летото 2014 година кога освоија големи делови од ирачката и од сириската територија на кои ги прогласија својот „калифат“.

Ирачките сили кон крајот на јануари го заземаа источниот дел од градот кој го дели реката Тигрис, и од тогаш се обидуваат да го заземат западниот дел од Мосул, каде што се наоѓа старото градско јадро, коешто поради збиената инфраструктура е тешко за напредување.

Според ирачката војска, голем дел од џихадистите се засолниле во стариот град. Сместен на западниот брег од Тигрис, овој дел од Мосил е составен од густо населени улички, поради што е ограничено користењето на оклопни возила и тешкото вооружување.