Запрена претстечајната постапка за „Жито Вардар“

Најголемата велешка прехранбена компанија „Жито Вардар“ се извлече од кризната состојба откако успеа да исплати заостанат долг кон својот деловен партнер „Макпетрол“, објави „Фактор“ од извори инволвирани во претстечајната постапка. Пред извесен временски период „Макпетрол“ заради своите побарувања од „Жито Вардар“ поднел барање и за „Жито Вардар“ била покрената предстечајна постапка. Сепак во одредениот временски период „Жито Вардар“ успеал да изврши исплата на побарувањето по што биле запрена предстечајната постапка.

Велешката прехранбена компанија се најде во деликатна финансиска положба лани. Според билансите што ги објави компанијата минатата година „Жито Вардар“ со загуба од 30 милиони денари (околу 500.000 евра). Според достапните податоци компанијата лани од оператвино работењето годината ја завршила со добивка од 5 милиони денари, а имала вкупни приходи од 319,1 милиони денари. Сепак загубата на крај доаѓа како резултат на расходи од финансирање – ставка која на крајот на 2013 година изнесувала 34,76 милиони денари, а „Жито Вардар“ не можел да ја покрие со приходите од своето редовно работење.

Според билансот на состојба оваа компанија на крајот на 2013 година имала акумулирана загуба од 155,5 милиони денари. Истовремено компанијата има ненаплатени побарувања во износ од 243 милиони денари и вкупни обврски од 587,7 милиони денари. Од нив најголема ставка се обврските кон добавувачите кои изнесуваат 355 милиони денари, а во тековните обврски кредитите се уште 56,1 милиони денари. Долгорочните обврски по основ на кредити на компанијата изнесуваат 173,4 милиони денари, пишува „Фактор“