Зариф се надева дека војната во Јемен нема да предизвика директен судир меѓу Иран и Саудиска Арабија

Ирачкиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави дека се надева оти војната во Јемен нема да предизвика директен судир меѓу Иран и Саудиска Арабија, туку дека двете земји кои поддржуваат различни страни во јеменската граѓанска војна можат да работат заедно за да се стави крај на војните во Јемен и во Сирија.

Коалицијата на сунитските земји предводена од Саудиска Арабија интервенираше во 2015 година во граѓанската војна во Јемен поддржувајќи ги силите на претседателот во егзил Абд Раба Мансур Хади во борбата против бунтовниците од шиитското племе Хути, кои се побунија поради толерантноста на владата кон јеменската Ал Каеда која успеа да заземе големи области на северот од земјата, и нивните сојузници силите на соборениот во 2012 година претседател Али Абдулах Салех, кои ја имаат поддршката на шиитски Иран.

Саудиска Арабија и Иран, кои се вековни ривали за доминација на Блискиот исток, исто така, ги поддржуваат завојуваните конфесионални страни и во граѓанската војна во Сирија.

На прашањето на седницата на Советот за надворешни работи во Њујорк дали е загрижен поради можното директно судрување меѓу Техеран и Ријад, Зариф одговори дека „Се надеваме дека не… Не мора да се бориме, не мора да се обидуваме меѓусебно да се исклучиме од политичката сцена на Блискиот исток“.

„Се надеваме дека, иако не се согласуваме за ситуациите во Јемен и во Сирија, и натаму можеме заедно да работиме за да ги решиме овие ситуации“, изјави Зариф кој престојуваше во Њујорк на состанокот на Обединетите нации за одржлив развој

Доминантно сунитските земји Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет, на 5 јуни ги прекинаа дипломатските односи со малиот но богат сунитски емират Катар, и го блокираа по копнен, воздушен и поморски пат, обвинувајќи го за наводно финансирање на исламистичките терористички организации и за приближување на шиитскиот Иран, што во Доха решително се отфрла.

„Иран е сериозен партнер на сите тие земји во борбата против заедничкиот непријател, бидејќи веруваме дека тие екстремистички сили претставуваат иста опасност и за нас, но уште повеќе се закана за нив“, истакна Зариф.

Шефот на иранската дипломатија рече дека нема комуникација меѓу него и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, но оти „тоа не значи дека не може да ги има“.

Иранските функционери редовно контактираат со американските колеги на пониско ниво во врска со договорот меѓу Техеран и шесте светски сили од 2015 година за запирање на неговата нуклеарна програма.

Зариф тврди дека Иран не произведува ракети за носење нуклеарни боеви глави, што е исто така забрането со споменатиот договор, туку само ракети за самоодбрана.

„Потребни ни се за да бидеме сигурни дека нема да се појави втор Садам Хусеин (поранешниот ирачки сунитски диктатор кој во 1980-те години водеше војна со Иран – з.р.) и повторно да нѐ нападне“, изјави Зариф

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.