Зарко и Довициозо направија почетнички грешки, Маркез го прифати подарокот со две раце

Трката за Големата награда на Франција ги разочара домашните фанови поради фактот што Жоан Зарко премногу рано заврши со својот обид да стигне до посакувната победа, бидејќи во ситуација кога се бореше за првото место и се бранеше од Маркез, ја загуби контролата над својата Јамаха и всушност му го отвори патот кон победата на шпанскиот шампион.

Претходно, трката во Ле Ман започна со излетување на Андреа Јаноне, но многу поважно беше она на Андреа Довициозо кој излета од патеката во моментите кога дојде до првото место претекнувајќи го својот тимски колега Хорхе Лоренцо. По ваквите настани, Лоренцо ја водеше тркатат пред Маркез и Петручи, но откако Хорхе значајно ги истроши гумите, падна дури на шестото место, додека Марк мирно стигна до хет-трик од победа во низа, по оние во Шпанија и Америка.

Втор на целта пристигна Петручи кој го потврди добриот викенд со своето Дукати, додека на победничкиот пиедестал се искачи и Валентино Роси кој благодарение на падовите исто така успеа да остври поволен резултат и го спаси катастрофалниот викенд. Четврт заврши Милер кој во ниту еден момент не беше нападнат од Педроса, а само шести на крајот беше Лоренцо кој ја водеше трката во првата половина.

Со својата втора победа во кариерата на патеката во Ле Ман, Маркез направи значителна предност во генералниот пласман, каде сега има 36 бодови предност во однос на Маверик Вињалес, 37 во однос на Зарко, а четврти сега е Валентино Роси кој заостанува 39 бода.