Заробени украински тенкови кои влегле во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин му наложил на Министерството за надворешни работи да упати демарш до Украина, поради „нарушувањето на меѓудржавните граници“, бидејќи во текот на минатата ноќ екипаж со два тенка на украинската војска влегол на 150 метри на територијата на Русија.

Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков изјави дека станува збор за два украински тенкови, кои ја минале границата со Русија и биле заробени од граничарите.

Според Василиј Малајев од руската Федералната служба за безбедност, меѓутоа, границата ја преминал еден тенк, чиј екипаж стигнал во близина на Милеров во Русија, каде го оставиле тенкот и побегнале пеш во Украина, а кога повторно дошле по тенкот, биле приведени.

„Овој обид го спречиле граничарите. Тенкот е разоружан и спроведен на детална истрага“, изјави Малајев.

Претходно денеска украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков изјави дека три руски тенкови влегле во Украина преку пункт во Луганск, кој го контролираат проруските сепаратистички сили.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.