Засадени нови 5 милиони садници на територијата на Македонија

Во рамките на 14 тата акција „Ден на дрвото-засади ја твојата иднина“, што се одржа вчера под мотото „Стоп за катастрофите“ беа засадени над 5 милиони дрвца на површина од 1 107 хектари на територијата на цела Македонија .

На 30 локации во целата држава ќе почнат да растат садници на јавори, брези, багреми и кипариси при што акцентот е ставен на пошумување голи и опожарени површини. Ова беше 14 та по ред акција по ред која се организира во изминативе седум години, при што досега се засадени околу 50 милиони дрвца.

„Македонски шуми“ отстапи 24 000 повеќегодишни садници за пошумување во урбани средини, а на урбаните општини ќе им бидат дадени 83 000 декоративни садници од пруја, јасен, јавор, бреза, кипарис и други украсни дрва за пошумување паркови. На четирите гранични премини со Албанија се засадија 200 повеќегодишни декоративни дрвја.

Премиерот Никола Груевски засади дрво пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, по што изјави дека садењето дрвца ќе даде резултати во иднина.

– Со задоволство учествувам на акцијата која ја започна Владата заедно со здружението „Ден на дрвото“ пред повеќе години и веќе стана трандиционална. Речиси секоја година во рамките на оваа акција се засадуваат по околу пет милиони дрвца, а во некои години и повеќе што е одлично за иднината во смисла на здрава околина и чист воздух, изјави премиерот Груевски по засадувањето дрвце.

Тој нагласи дека се надева оти оваа акција ќе прерасне во навика на младите, децата и на оние кои  допрва доаѓаат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.