„Заштитните лица“ на СДСМ се обидоа да предизвикаат инцидент пред Владата

По обајавувањето на телефонски разговори, со кои Зоран Заев тврди дека се откривало како власта сакала да го забошоти случајот со смртта на Мартин Нешковски, попладнево група граѓани излегоа на протест пред македонската Влада.

Дел од граѓаните кои што протестираат пред Владата за случајот Мартин Нешковски ја турнаа оградата пред Владата и успеаа да влезат во дворот на владината зграда. Стотина луѓе, главно млади, во обид да создадат тензија, фрлаа со камења, шишиња и јајца кон објектот на Владата.

На протестот можеа да се забележат добро познатите лица кои протестираат за се и сешто и се предводници на сите досегашни протести под закрилата на СДСМ. Во првите редови и на овој, како и на голем број други протести, повторно се застанати главните медиумски пера диктирани од Бихаќка кои во најголема мера се директни поттикнувачи на овој протест, пишува „Курир“.

Останатите присутни на протестот стоеа настрана, изразувајќи го револтот поради креираните разговори кои СДСМ денеска ги објави, во врска со смртта на Мартин Нешковски. Лидерот Зоран Заев рече дека убиецот на Мартин Нешковски за време на прославата на победата на ВМРО – ДПМНЕ бил на службена должност, наспроти тврдењата на власта дека приватно бил на местото. Во разгворите се слуша дека никој не дал писмена наредба за Игор Спасов да обезбедува во Скопје.

По пресот на Заев, министерката за внатрешни работи излезе на прес-конференција на која појасни дека министерството по добивањето на информациите постапило согласно законот.

-Прво, не можевме да делуваме бидејќи немавме пријава. Второ, веднаш кога ја добивме пријавата започнавме со проверка на случајот. Трето кога ја добивме информацијата ги употребивме сите расположливи капацитети за да го пронајдеме убиецот и четврто, беше откриен сторителот и беа собрани докази, а против лицето беше процесуирана кривична пријава, а подоцна беше и осуден за делото кое го сторил -рече министерката Јанкулоска.