Економија

Засилен економски раст и во второто полугодие

Странските директни инвестиции и најавената изградба на повеќе капитални проекти, најмногу автопатишатата ќе бидат клучниот мотор за растот на домашната економија во второто полугодие годинава, но и во следниот период.

Економистите кои за еВести ги анализираа економските текови во државата очекуваат засилен раст на домашната економија. Оптимистичките очекувања ги подгреваат и резултатите кои брутодомашниот производ (БДП) ги имаше во првиот квартал од оваа година.

Статистика веќе измери дека во првите три месеци БДП порасна за 3,9 отсто. Следува полугодие на позначајни резултати, што ќе значи и добра година за македонската економија, велат аналитичарите.

„Сметам дека растот во претстојниот период повторно ќе се темели на отпочнатите две економски тенденции: странските директни инвестиции и капиталните проекти на Владата (особено најавените автопатишта). Верувам дека позитивни ефекти ќе има и подобрувањето на надворешнат апобарувачка меѓутоа сметам дека таа уште некое догледно време нема да доминира, во смисла на носител на растот. Ризиците иако со значајно поблага магнитуда ги има и сега“, вели за еВести Марјан Петрески, професор на Американ колеџ.

Тој вели дека треба да се чека да се види како ќе се реализираат странските инвестиции и како ќе се одвиваат работите со капиталните инвестиции  за кои има ризик да притиснат и кај долгот, но напоменува дека и да има ново задолжување кога е за оваа намена тоа е продуктивно.

Оптимистички бројки

Всушност и регистрираниот раст од 3,9 отсто на БДП во првиот квартал во најголема мера е генериран од значајниот раст на градежништвото, гранка која стана двигател поради градежните зафати во земјата, повеќето јавни, владини  нарачки. Се реновираат патишта, се градат автопатишта. Во тој период градежништвото пораснало за 14 проценти, а вкупниот раст е најголем во Европа. Сега економистите токму поради најавените нови инфраструктурни инвестиции оќекуваат растот во градежништвото да придоенсе за уште поголем раст на економијата, дури уште годинава.

Инаку според последните податоци во првите три месеци годинава во Македонија како странски директни инвестиции влегол капитал во вредност од 87 милиони евра. Станува збор за пораст од скоро десет милиони евра во однос на истиот период лани.

Странските директни инвестиции се една од клучните работи кои како фокус ја посочи премиерот Никола Груевски во работата на новата Влада. Во следните четири години се очекуваат најмалку триесетина нови странски инвестиции во слободните и индустриските зони, кои ќе креираат над 10.000 директни работни места. Во годините кои следат извршната власт очекува и раст на извозот

од околу 10 проценти и раст на увозот од околу 8 проценти годишно.

Поголем раст од очекуваниот

Но, да продложи зацртаната реализација на капиталните проекти и Владата да се фокусира најмногу на економијата како свои приритети го потенцира и премиерот Груевски. На чекор пред стартот на второто полугодие, тој смета оти досегашните резултати годинава се добри. Растот на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал, растот на извозот од 15 отсто, растот на прометот во индустријата од околу 6 отсто, според него се податоци кои укажуваат на позитивни економски трендови во Македонија, дури и подобри од проекциите на Владата, Централната банка и на ММФ.

„Тоа е одлично и тоа укажува дека сигурноста дека нашите проценки за целата година сигурно ќе се остварат, освен ако нема повторно некоја економска или светска криза, но да се недеваме дека тоа нема да се повтори. И во една таква ситуација на нормални услови во опкружувањето, очекуваме нашите проекции да се остварат а можеби и да се надминат на годишно ново, бидејќи во првиот квартал очекувањата се веќе надминати“, истакна Груевски.

Владата веќе најави и нов сет економски мерки за дополнително подобрување на економската слика.

Инаку за годинава Народната банка предвиде раст на економијата од 3,7 проценти, а 4,4 отсто следната година. Проекциите на ММФ и на Владата се годината да заврши со раст од 3,5 проценти, а Европската комисија и Светска банка со 3 проценти. Според Брисел, македонската економија годинава ќе забележи четврти најдобар резултат во Европа, по Летонија, Литванија и Полска.