Засилени безбедносни мерки во БиХ поради можност од терористички напад

Полициските агенции во Босна и Херцеговина ги засилија мерките за безбедност поради информации дека државата како членка на глобалната коалиција против терористичката организација Исламска држава, може да биде цел на терористички напади, објави МИА.

За заштита на органите на власт на државно ниво, како и дипломатски претставништва во БиХ задолжена е Управата за координација на полициски тела.

Шефот на Управата, Мирсад Вилиќ потврди дека се преземаат засилени мерки за заштита.

– Врз основа на наши проценки засилено е нивото на обезбедување за дипломати и амабсади што ги обезбедуваме – изјави тој за „Дневни аваз“.

Директорот на Управата за полиција во МВР на Федерацијата БиХ, Драган Лукач, исто така потврди дека се засилени мерките за заштита на различни институции.

Според нивни проценки, околу 150 луѓе од БиХ се во Сирија и Ирак каде се борат на страната на радикалните исламистички групи.

Проценките се дека тие би можеле да бидат закана откако би се вратиле во државата.