Засилени контроли на АХВ во пресрет на празниците

Во пресрет на новогодишните празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, покрај редовните, почнаа со спроведување на вонредни, засилени контроли на специјализираните продавници захрана од животинско потекло ( месарници, рибарници, и сл. ) и во угостителски објекти (хотели, ресторани).

Контролите се спроведуваат на целата територија на државата и со нив ќе бидат опфатении туристичките места Маврово, Попова Шапка, Охрид, Струга, Берово и Дојран.

Целта на контролите, како што се наведува во соопштението од Агенцијата, е елиминирање на можнста на пазарот да се пласира небезбедна храна, спречување на евентуални труења и инфекции и заштита на здравјето на граѓаните и правата на потрошувачите.

Како одговорна институција за безбедноста на храната од Агенцијата ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk.