Засилени сообраќајни контроли во Битола, регистриран 431 прекршок

Во текот на изминатата седмица, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи-Битола, при сообраќајни контроли на вкупно 1.930 возила, констатирани се 431 сообраќаен прекршок, пренесува МИА.

Според билтенот на СВР-Битола, најголем дел од сообраќајните прекршоци се за возење со пречекорување на дозволената брзина и тоа 68, во 59 случаи има управување на возило без возачка дозвола, и во 56 случаи возачите не користеле сигурносен појас.

– За време на сообраќајните контроли на територијата на СВР-Битола која ги опфаќа општините Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Македонски Брод и Крушево, евидентирани се 34 технички неисправни возила, 52 нерегистрирани или со измината важност на сообраќајната дозвола, 53 случаи на погрешно паркирање, 8 возачи користеле мобилен телефон при управување со возило, 2 случаи минување на црвено светло, соопшти Магдалена Димитровска од секторот за односи со јавност при СВР-Битола.

Во текот на изминатата седмица на територијата на СВР-Битола се случиле 9 сообраќајни незгоди, од кои една незгода со едно загинато лице, а во 2 незгоди 3 лица се стекнале со телесни повреди. Во 6 сообраќајни незгоди предизвикана е материјална штета.