Заштитата на грчките граници од мигранти и бегалци останува предизвик

Повеќе од 4.000 бегалци на грчката граница

Приливот на бегалци и мигранти на грчките острови се зголемува, додека секојдневни обиди за илегален влез има и на границата со Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Заштитата на грчките граници останува предизвик како за јужниот сосед така и за Европската унија.

Добро е што балканската рута ќе остане затворена, но засега немаме решение, ниту пак Грција е во состојба да даде рок во кој што може да се очекува грчките граници да бидат заштитени, истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан по вчерашниот самит во Виена посветен на бегалците и мигрантите.

Унгарија е подготвена да ги земе назад сите мигранти кои што за прв пат на територија на Европската Унија влегле преку неа, а потоа заминале за Австрија и нив ќе ги транспортираме до Косово, Македонија или Албанија, зависно од каде се дојдени. Но, ние неможеме истиот метод да им го понудиме на нашите австриски пријатели во однос на луѓето што во Европската Унија прв пат влегле преку Грција. Ова произлегува од законодавството на ЕУ и принципите на правото, изјави Орбан.

Каква е соработката на Македонија со Грција и очекуваме ли зголемен притисок на границата?

Македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов, вели дека комуникацијата со јужниот сосед е интензивирана, но според него, при евентуална нова ескалација на состојбата решението нема да зависи од Грција или Македонија, па двете земји можат да работат само во насока на ублажување на ефектите.

Се надевам и верувам дека од тоа се научија многу лекции и во последниов период како на оперативно така и на политичко ниво имаше интензивирање или дуплирање на напорите за ако не дај Боже дојде до повторување на тие состојби, се надеваме дека нема да имаме такви грди сцени на нашата заедничка граница. Но факт е дека при некоја значителна ескалација на состојбите на европско ниво или на блискиот Исток, независно од подобрувањето на климата меѓу двете земји, се плашиме решението секогаш ќе биде вон контрола како на Грција, така и на Македонија, вели Ангелов.

Во Грција во моментов се проценува дека има околу 66000 бегалци и мигранти. Мигрантско бегалската криза ќе биде и тема на вториот состанок на министрите за надворешни и внатрешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија кој што е најавен за октомври во Солун.