Затуроска: Ништо не е остварено од ветувањата на СДСМ за поддршка на домашните компании

Владејачката партија СДСМ ги излажа и домашните компании, пред парламентарните избори ветуваа 140 милиони евра за поддршка на домашните компании, за микро, мали и средни претпријатија за да има повисоки плати и нови работни места. Од 140-те милиони поддршка за домашните компании ниту трага ниту глас. Остана само една огромна лага, истакна Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ на  прес-конференција.

Затуроска посочи дека СДСМ ветиле во само првите 100 дена план за распределбата на парите, кредитирање од 15.000 евра за отворање нови фирми, овозможување паричниот влог да е едно евро за секоја фирма, а од доаѓањето на власт минаа шест месеци и се’ уште ништо не е реализирано.

„И не само што немаат реализирано ништо од тоа, туку и за наредната година во Буџетот немаат предвидено 140 милиони евра за домашните компании. Наспроти тоа, Тевдовски и Заев ја презадолжуваат и раскрчмуваат државата. Се задолжија стотици милиони, а се уште нема ниту еден реализиран нов проект од нивната програма. Единствено пари за домашни компании има за компаниите на Вице-премиерот на СДС Кочо Анѓушев, кои профитираат милионски суми секојдневно на грбот на граѓаните. СДС не им го реши ниту проблемот на над 1700 фамилии од фирмите на Еурокомпозит, Колска и Фени Индустри. 1700 фамилии остава на работ на егзистенција, а во јавност продаваат ветер и магла, нагласи Затуроска.

Посочи дека економската политика на СДСМ крахира.

„Покачување акцизи, покачување даноци, дуплирање на трошоци за луксузирање на функционерите на СДС, милионски задолжувања, пропаѓаат големи гиганти како Фени, ниту една странска инвестиција не објавила дека ќе инвестира откако е СДС на власт. Ова се резултатите од 6те месеци работа и владеење на СДС“, заклучи Затуроска.