Затуровскa: Автопатот Струга – Требеништа ќе ја зголеми туристичката понуда

Преку Програмата за национални патишта за која што дадовме силна поддршка како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се обезбедија средства за проекти во патната инфраструктура која што ќе ги подобри и осовремени патиштата низ државата и како проекти веќе се влезени во собраниска процедура, изјави пратеничката Лилјана Затуровска.

Таа посочи дека новиот автопат Струга – Требеништа ќе се протега во должина од 8,5 километри. Ова автопатското решение предвидува изградба на нова делница со коловоз од по две ленти со широчина од 3,75 метри и по една застанувачка лента широка 2,5 метри во секој правец. Проектна брзина за движење на возилата ќе биде 120 (130) км/час.

„Изградбата на оваа делница на ниво на автопат, значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места особено во летниот период од годината, но и за исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел за зголемување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина. Реализацијата на проектот за изградба на автопат од Струга до Требеништа значително ќе придонесе и за поквалитетна туристичка понуда, како и за поголема достапност на туристичките знаменитости кои што Република Македонија ги нуди во овој регион. Охридско – струшкиот  регион со проектите предвидени во патната инфраструктура ќе добие и автопатско решение, Кичево – Охрид, кој што веќе е во изградба, како и нов експресен пат од Охрид до Пештани за кои што исто така веќе се обезбедени средства. Освен во Охридско – струшкиот регион нови патишта ќе се градат и низ целата Македонија, како што се на пример, делницата Раец – Дреново дел од новопланираниот експресен пат Градско – Прилеп, нов експресен пат од Штип до Кочани, делницата Велес – Кадрифаково, започнатиот автопат Миладиновци – Штип како и многу други инфраструктурни решенија кои што ќе ја променат и осовременат патната мрежа во државата. Сите овие крупни инвестиции и зафати кои што се прават во патната инфраструктура во овој регион, освен што ќе помогнат за равој на туризмот како најзначајна гранка, ќе обезбедат и забрзан економски развој, како и поголема и посигурна комуникација на граѓаните од овој регион со останатите делови од Република Македонија. Ова се проекти во патната инфрастурктура какви што не се паметат децении наназад“, истакна Затуровска.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.