Македонија

Затворен патниот правец Штип-Неготино, ова е состојбата на патиштата

Затворен патниот правец Штип-Неготино, ова е состојбата на патиштата

Поради врнежите од дожд во источните делови од државата дојде до излевање на водотеците. ЦУК известува дека сообраќајот на мостот кој се наоѓа на патниот правец Штип – Радовиш се одвива по една коловозна лента.

Превентивно е затворен патниот правец Штип – Неготино, поради надојдените води од реката Крива Лакавица.

Според известување од ДЦС МВР, на 23.01.2015 година од 13:00 часот на регионалниот пат Р 2232 на м.в.„Глобица“, во непосредна близина на с.Ратавици-Пробиштип, поради обилни врнежи од дожд настанало свлечување на брегот и банкината покрај десната страна на патот. Свлечувањето е кон реката Злетовица и е во должина од околу 30 метри, по што поради опасност од проширување на свлечиштето воведена е забрана на тој дел од регионалниот пат.

СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА: Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива по влажни коловози.
Слаб снег провејува на, граничен премин Деве Баир-Крива Паланка, Делчево, Стража, Ѓавато и во Крушево, но не се задржува на коловоз.

НАМАЛЕНА ВИДЛИВОСТ: Поради појава на магла, намалена е видливоста до 50 метри на Плетвар, Радовиш-Неготино и Струмица-Валандово.

ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

РАБОТИ НА ПАТ:

– Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.01.2015 год. започнати се активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.06.2015 год.). Работите се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот.

– На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.

– Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

– На патниот правец А1 Гевгелија-Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.

– Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа:
– од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово,
– и од с.Лозово преку с.Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Учесниците во сообраќајот треба да се придржувааат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.

На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.

ВРЕМЕНА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА ТЕШКИ ТОВАРНИ ВОЗИЛА НА ПОДРАЧЈЕТО НА ГРАД СКОПЈЕ: На 19.12.2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила,чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 08 часот до 20 часот.

Се молат сите учесници кои управуват тешки товарни возила да се придржуват на поставената сообраќајна сигнализација.

ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ: На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

ИНФОРМАЦИЈА: Потсетување за сите возачи на законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.