Затворен патот од Градско до Неготино

Патот од Градско до неготино денес ќе биде затворен за сообраќај.

Од „Мануфактура” продукција најавуваат дека во текот на денешниот ден поради снимање на францускиот филм „A Fond”, ќе биде затворен дел од автопатот А1, поточно делницата од Градско до Неготино, во периодот од 05:00 до 18:00 часот.

Сообраќајот, како што посочуваат од АМСМ, ќе се пренасочува по стариот пат со соодветна сигнализација.

Инаку, утрово нормализиран е сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица кој поради појава на одрон се одвиваше по една коловозна лента.

Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по влажни коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.