Македонија,Политика

Затворени гласачките места во 19 часот

Затворени гласачките места во 19 часот

Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија можеа да гласаат на вториот круг од петтите претседателски избори и  осмите парламентарни и воедно трети предвремени избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

На 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаа 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори беа запишани 1.780.128 избирачи. Гласачките места беа отворени во 7 часот.

Според последните податоци што ги објави ДИК, одѕивот на гласачите до 17 часот на денешните предвремени парламентарни избори е 53,12 отсто, додека на вториот круг од претседателските избори 45,34 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

На избирачките места имаше два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.

На претседателските избори граѓаните можеа да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател Ѓорге Иванов и на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство. Тие имаа можност да гласаат вчера, на ден пред изборите.

Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и болните и немоќните.

За  парламентарните избори, кои се осми по ред и трети предвремени во низа во Македонија, беа поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.

Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората – по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка,  Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.

Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.

Денешните избори ги следеа 10.013 домашни и 610 странски набљудувачи.