Свет

ВИДЕО: Затворениците со полна пареа ја градат оградата на унгарската граница

ВИДЕО: Затворениците со полна пареа ја градат оградата на унгарската граница

Со цел побрзо да се заврши оградата на унгарската граница, земјата ги ангажира и затворениците што работат под будното око на чуварите и полицијата, пишува Раша Тудеј.

Оградата што треба да го спречи напливот на мигранти ќе биде висока 3, 5 метри и ќе биде долга 175 километри. Со оваа ограда треба да се замени моменталната жичана ограда што е многу пониска и под која мигрантите најчесто успеваат да се протнат или да ја прескокнат.

Затворениците што работат на изградба на оградата на унгарската граница се од затворот Цсилаг. Во моментов на оградата работат околу 350 лица, според властите во унгарскиот затвор, а затворениците се надгледувани од 65 чувари.

Инаку, затворениците работат на изградба на оградата од самиот почеток, а засега нема информации дали бројот на ангажирани престапници е зголемен откако Унгарија донесе одлука да го забрза целиот процес.

-Бројот на затворениците што работат на изградба на оградата зависи од моменталната фаза на изградбата, вели претставник од затворот.

Таа додава дека затворениците, што ги имаат поминато сите безбедносни проверки, волонтирале за работата. Тие добиваат плата од 33.000 форинти, или околу 177 долари месечно, минус дневниот данок што мора да му го платат на затворот.