Завршена заложничката драма во Франција

Заврши заложничката криза на северот од Франција, која немаше никаква врска со терористичките напади во Париз, и сите тројца заложници се на безбедно, јавија светските агенции.

Државниот обвинител од Лил, Фредерик Февр, изјави дека во инцидентот во градот Рубе, на самата граница со Белгија, еден грабнувач е убиен, а еден е фатен, додека останатите се во бегство и по нив е организирана потрага.

Првичниот план на криминалците бил да го грабнат директорот на локалната филијала на една банка и да го присилат да им го отвори сефот.

Напаѓачите, меѓутоа, биле изненадени од полицијата и притоа дошло до размена на оган. Директорот на банката успеал да побегне, па криминалците влегле во неговата куќа и за заложници ги зеле неговата сопруга, ќерка и 11-годишно дете, рече Февр.

По неколку часа, полицијата упаднала во куќата, ги ослободила заложниците, убила еден од напаѓачите, а вториот го уапсила во задниот двор од имотот.

Останатите членови на групата побегнале, вели Февр, кој не можел да го прецизира нивниот број.

-Станува збор за криминална операција, која не е поврзана со тероризмот, истакна Февр.

Од 13 ноември, по нападите во Париз во кои погинаа 130 лица, во цела Франција е воведено високо ниво на подготвеност од терористички напади, така што настаните, како овој во Рубе, добиваат поголемо значење од обично.