Магазин

Завршен концерт на летната музичка работилница

Завршен концерт на летната музичка работилница

Еден од значајните настани за македонската наука и уметност, како и за високото образование стана потпишувањето на договорот за соработка помеѓу Македонската Академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – најстариот универзитет во Република Македонија.

Како резултат на овој договор интензивирана е соработката со факултетите на Универзитетот од која произлегуваат проекти значајни за сите нивни чинители и учесници. Во овој процес е вклучен и Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Во периодот 28 јуни – 3 јули 2014 година во рамките на манифестацијата „Научна и уметничка визита 2014“организирана од Македонската Академија на науките и уметностите и Охридскиот книжевен и научен центар „Уранија“ се одржува Летната музичка работилница со професорите и студентите од класите по флејта, виолина, соло-пеење, гитара и хармоника на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

„Ни претставува особена чест и задоволство да учествуваме во овој проект. Ваквата соработка со МАНУ и Охридскиот центар „Уранија“ е од големо значење за Факултетот за музичка уметност како дел од УКИМ и претставува вистински поттик за нашите млади уметници и нивните професори. Работилницата ќе биде завршена со концертот на нејзините учесници, а на програмата се делата од Бах, Вивалди, Барток, Чајковски, Дербенко, Генин, Гане, Мерц, Пјацола. Ве покануваме на овој музички настан“, вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

Концертот ќе се одржи на 3 јули (четврток) во Куќата на Уранија, Охрид, со почеток во 19 часот, влезот е слободен.