Завршен процесот на регистрација на (.мкд) доменот

Република Македонија го заокружи целокупниот процес во рамките на регистрацијата на националниот домен (.мкд), со што стана петтата земја во светот која воспоставува домен на кирилица, после Русија, Србија, Казахстан и Монголија. Организацијата IANA Root Management, која е под надлежност на Националната ИТ Агенција на САД, го внесе (.мкд) доменот во системот, како последна фаза од официјалната регистрација во системот.

Ова денеска го соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на заедничка прес-конференција со министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска и директорот на Македонската истражувачка мрежа МАРнет, Сашо Димитријоски.

-Веќе го имаме и првиот кириличен домен во Македониа, а тоа е влада.мкд. Во тек е резервација на кирилични домени од страна на државните институции и органи,  со цел предвремена резервација на имиња на домени кои тие би ги користеле во иднина. Со привршување на овие активности, се обезбедува непречена on line регистрација и целосно функционално користење на македонските кирилични домени, рече министерот Ивановски.

Со доменот (.мкд) во иднина ќе можат да се регистрираат интернет страници на кирилично писмо, опфаќајќи ги карактеристичните букви од македонската азбука – Љ, Њ, Ѓ, Ж, Ч, Ш, Џ, што на досега на латиничното писмо тоа не беше можно.

Министерката за култура Канческа Милевска оцени дека регистрацијата на доменот е особено важна за младата популација која секојдневно се отуѓува од стандардниот македонски јазик и неговото кирилично писмо.

-Воведувањето на (.мкд) доменот спонтано ќе го наметне враќањето на македонскиот збор во секојдневната употреба, но и во севкупното општествено живеење, рече Канческа Милевска.

Според директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски, процесот на добивање на кириличниот домен е сериозен и комплексен и траеше една година.

-Во овој процес морате да докажете дека предложената низа во доменот ја претставува државата, нејзиното име и јазик. Од денес сите заинтересирани правни и физички лица можат да се обратат до регистрарите и да креираат свој кириличен домен, рече Димитријоски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.