Завршена реконструкцијата на Црногорска, краците пуштени во употреба

Градот Скопје и општината Ѓорче Петров ја завршија реконструкцијата на кракот од улицата Црногорска, на потегот од улицата Радушка до улицата Лука Геров, како и на краците 1, 2 и 3 од оваа улица, кај паркчето пред надвозникот на улицата Лука Геров.

Градоначалниците Коце Трајановски и Сокол Митровски, денеска и официјално ги отворија за сообраќај реконструираните делници.

– Токму на Денот на општината Ѓорче Петров ги отвораме за сообраќај реконструираните делници од улицата Црногорска. Со овој градежен зафат, од улицата Црногорска вкупно се обновени 650 метри, при што посочените делници добија нов асфалт, а коловозот е проширен според условите на теренот, до ширина од 5,5 метри. По должината на кракот од улицата Црногорска се уредени тротоари покриени со бекатон-плочки. Градот Скопје и Општината Ѓорче Петров во овој зафат учествуваа со по 2,3 милиони денари, односно за овој проект вкупно се вложени 4,6 милиони денари. Сакам да нагласам дека Градот Скопје и во иднина ќе ги поддржува проектите на општината Ѓорче Петров. Во овој период, Градот Скопје интензивно работи на изградбата на кружниот тек меѓу булеварот Партизански одреди и улицата Ѓорче Петров, проект што ќе придонесе да се отвори широк сообраќаен коридор кон Ѓорче Петров и кон излезот на Скопје и ќе биде од корист на граѓаните во овој дел од градот, истакна Трајановски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, нагласи дека овој проект е резултат на добрата соработка со Градот Скопје.