Заврши августовскиот испитен рок за полагање државна матура

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на прес-конференција информираше за полагањето на државната матура во августовски испитен рок, во кој беа опфатени учениците од завршните години во средните училишта коишто од оправдани причини не полагале државна матура, или пак, не успеале да положат некој од предметите во јунскиот испитен рок.

Како што соопшти, во август државна матура полагаа 3.650 кандидати и процесот во кој беа вклучени околу 480 тестатори, 40 набљудувачи, како и 168 оценувачи, се реализираше согласно пропишаните правила и процедури, без евидентирани проблеми.

Од вкупно 1.229 кандидати кои полагале мајчин јазик и литература (македонски, албански и турски), испитот го положиле 911 кандидати. По однос на странските јазици (англиски, француски, руски и германски), од вкупно 2.142 кандидати, испитот го положиле 1.207 кандидати. Математика основно ниво полагале 169 кандидати, а положиле 111, додека математика напредно ниво полагале и не положиле 2 кандидати. 119 кандидати од вкупно 164, го положиле испитот по филозофија, додека вкупно 8 кандидати полагале и го положиле испитот по естетика. 64 од вкупно 108 кандидати го положиле испитот по предметот биологија. Историја полагале вкупно 178 кандидати, а положиле 141. Хемија полагале 12, а положиле 4 кандидати, додека физика полагале 4, а положил само 1 кандидат. По предметот бизнис, полагаа вкупно 259, а положија 200 кандидати.

“Државниот испитен центар вложи максимални напори за предвремено објавување на прелиминарните резултати од екстерните испити на државната матура, при што истите беа објавени на 22 август. Овие резултати за кандидатите кои не приговараат се конечни, додека кандидатите кои сметаат дека нивните тестови не се правилно вреднувани, имаат право да поднесат приговор во училиштето, а доколку сакаат да извршат увид во тестот, треба да се најават телефонски. Увидот ќе се реализира во точно закажан термин за секој кандидат. Рокот за приговори истекува на 25 август (понеделник) и поради тоа бројот на кандидати кои приговарале се уште не е целосен. Резултатите за нив, ќе бидат објавени во училиштата на 27 август во 12 часот“, рече министерот Адеми.

На сите матуранти во Република Македонија кои ја положија државната матура во оваа учебна година, министерот Адеми им посака успешно да го продолжат своето понатамошно образование.

За матурантите коишто целосно или делумно не ја положиле државната матура, следната можност е по завршувањето на новата учебна година.