Спорт

Заврши ерата на Бошко Ѓуровски – неуспешно

Заврши ерата  на Бошко Ѓуровски – неуспешно

Доскорешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Бошко Ѓуровски, кој денеска го заврши својот мандат како кормилар на најдобрата селекција ќе остане запаметен како еден од најслабите селектори во историјата на нашиот национален тим.

За 15 месеци колку што работеше Ѓуровски, кој изврте 60-на фудбалери во репрезентацијата, забележа само две победи и тоа на дебито со Летонија (2:1) и триумфот со судни маки против Луксембург (3:2). Одработи единаесет меча, требаше да создава нова селекција, но од се на крајот доживеа фијаско.

Загуби на шест меча, четири квалификациски (Шпанија 1:5, Украина 0:1, Словачка 0:2 и Белорусија 1:2), како и две пријателски Камерун (0:2) и Кина (0:1), а трипати ремизираше со Катар, Кина и Австралија (сите 0:0).

Само Ѓоре Јовановски од досегашните македонски селектори во историјата нема забележано ниту една победа во својот мандат. Работеше од јуни 2001 до февруари 2002 година. Странците, Џон Тошак и Слободан Сантрач имаат пак само по една победа додека работеле како македонски селектор.

Тошак забележа една победа, против Андора, доживеа понижување од Луксембург (1:2) во својот едногодишен мандат од август 2011 до август 2012 година, додека Сантрач за шест месеци од март до август 2005 година, исто така забележа една победа (Ерменија на гости 2:1).

Во досегашната историја на македонската репрезентација е 14-то име кое го предводел националниот тим. Пред него беа Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски (два мандати), Никола Илиевски – Џиџи, Слободан Сантрач, Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Џон Тошак, Чедомир Јаневски, а како в.д. селектори беа и Бобан Бабнски во два наврати, Гоце Седлоски и Зоран Стратев.

Извор: Спортмедиа.мк