Заврши конзервација на архитектурата на црквата Св.Никола во село Чагор, Битола

Заврши санацијата, реставрацијата и конзервацијата на архитектурата на манастирската црква, Св.Никола во с.Чагор, Битола, проект од Програмата на Министерството за култура.

Во текот на активностите за реализација на проектот на кој стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Битола работеа во повеќе фази, извршено е конструктивно консолидирање на ѕидовите и нивна делумна реконструкција, дренажа, како и реконструкција на покривот и сводот на црквата. Согласно проектот извршена е и конзервација на подот и санација на прозорците и вратата на тремот на црквата.

Со заштитата на архитектурата на малата еднокорабна црква Св. Никола во село Чагор која е значаен споменик на културата од 16 и 17-ти век, во иднина ќе се овозможи интервенција и на сочуваниот фрескоживопис кој потекнува од 30-тите години на 17-ти век.