Заврши конзервацијата на црквата „Св.Никола“ во Косел

Стручните екипи на Заводот и музеј Охрид деновиве ја завршија шестата, последна фаза од проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и на фрескоживописот на црквата „Свети Никола“ во охридското село Косел, соопштуваат од Министерството за култура.

Министерството, во континуитет, од 2008 до 2014 година финансираше проекти кои се однесуваа на непосредната заштита на одделни секции од оваа црква која датира од 15 век.

Kosel

Во текот на шесте етапи беше извршена конзервација на архитектурата на црквата, која беше целосно распадната и за која постоеше опасност од уривање. Се работеше во внатрешноста на црквата на конзервацијата на вредниот фрескоживопис, се конзервираа оштетените фрески, а паралелно се работеше на новооткриениот живопис.

Со целиот проект, објектот статички е зајакнат, направено е целосно препокривање и фугирање на отпаднатите делови, истовремено е извршена дренажа околу црквата како примарна заштита од влагата и од неповолните надворешни влијанија. Исто така, направено и партерно уредување на црковниот двор. За оваа намена, од буџетот на Министерството за култура во изминатиот период беа издвоени 3,9 милиони денари.

Црквата „Свети Никола“, која е значаен споменик на културата, има специфична архитектура со мали димензии и со својот облик е сродна на повеќе еднокорабни цркви од околината на Охрид. Токму поради вредноста на нејзината архитектура и на нејзиниот фрескоживопис, таа е особено интересна за посетителите.