Заврши пријавување за отпис на долгови, поднесени 41.817 барања

Рокот за поднесување барања за отпис на долговите заврши вечерва во 18 часот. Поднесени се вкупно 41.817 барања, од кои само во текот на денешниот ден се 3.000, пренесува МИА.

Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов бројката е во рамки на очекуваното.

– Со овој проект се обдиовме да ги опфатиме оние категории граѓани кои се во најтешка положба. Имаа доволен временски период од околу два месеца за да аплицираат и да го искористат правото за еднократен отпис на долговите, проект кој што ни беше и предизборно ветување и кој го стартувавме како прв проект со цел да им дадеме можност полесно да го надминат социјалниот ризик на оние граѓани кои се во најтешка состојба, истакна министерот Спасов.

Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата

Мерката се однесуваше на лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.