Заврши разграничувањето помеѓу Црна Гора и БиХ

Заврши процесот на разграничување и утврдување на државната граница меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина и го очекуваме потпишувањето на Договорот за државната граница, со што двете држави, први од поранешните членки на СФРЈ, ќе го решат граничното прашање, соопшти Министерствто за внатрешни работи на Црна Гора јави МИА.

Пратеникот во новоизбраниот состав на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, Денис Беќировиќ, во официјална парламентарна процедура вчера ја пушти Резолуцијата за Суторини, потсетува порталот ЦДМ и пренесува дека црногорското Министерство за внатрешни работи истакнува дека меѓународно признатите граници на државите настанати на просторот на некогашна Југославија се некогашните републички граници.

„Познат е ставот на меѓународната заедница од 1992 година, дека нема прекројување на некогашните републички граници. Преговорите за обновување на работите на разграничување, утврдување на државните граници и подготовките за постигнување меѓународен договор за државната граница меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина почнаа во октомври 2008 година, а завршија во мај 2014 година“, прецизира министерството.

Некогашната административна, катастарска граница, стана државна граница, што е во согласност со ставот на Бадинтеровата комисија, објаснуваат од Министерството за внатрешни работи и додаваат дека со протоколот за одредување на тромеѓните точки, што беше потпишан во Сараево на 2 октомври 2003 година, одредени се тромеѓните гранични точки на северното и јужното тромеѓе меѓу Црна Гора, Србија и БиХ, односно меѓу Црна Гора, БиХ и Хрватска.

„Владата на Црна Гора, на седницата од 12 јуни 2014 година, на предлог на Министерството за внатрешни работи, усвои извештај за водење на преговорите за подготовките за склучување на Договорот за државната граница меѓу Црна Гора и БиХ и го прифати предлогот од тој договор, со што во Црна Гора завршија внатрешните правни процедури потребни за потпишување на договорот“, прецизира црногорското МВР.

Комисијата за границата меѓу Црна Гора и БиХ ќе формира заедничко работно тело, во чија надлежност ќе биде извршување на обележувањето на утврдената државна граница на терен.