Заврши реконструкција на управната царинска зграда на ГП Богородица

Денеска официјално беше одбележан крајот на реконструкцијата на управната зграда и придружните објекти на граничниот премин „Богородица“. На настанот присуствуваше делегација од Генералниот директорат за проширување на Европската комисија (ЕК), предводена од г-дин Дејвид Кален, како и високи претставници од делегацијата на Европска Унија во Република Македонија.

Проектот кој е реализиран во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007-2013 од Инструментот за предпристапна помош (ИПА), е финансиран од страна на Европската унија, со финансиско учество на Владата на Република Македонија.

Значењето на овој проект е тесно поврзано со фреквентноста на движењето на патници и превозни средства преку граничниот премин Богородица, низ кој во просек минуваат над 3 милиони патници во двете насоки и сообраќаат над 200.000 товарни превозни средства годишно. Извршената реконструкција на управната зграда, преку санација на покривот, столаријата, фасадата, како и ново поставената опрема за регулирање на сообраќајот ќе придонесат за поголема функционалност, зголемен квалитет на услугите и контролите на возилата и патниците, поголема безбедност и олеснување на минувањето на државната граница.

Имајќи ја во предвид потребата од создавање на услови за олеснување на движењето и трговијата, како дополнение на активностите за модернизација на Коридорите 10 и 8, Царинската управа со поддршка на Европската унија и на Владата на Република Македонија, во иднина ќе реализира уште два проекти за надградба на објектите за царинење на граничните премини Табановце и Ќафасан.