Спорт

Заврши третиот турнир во мал фудбал „Скопје 2014“

Заврши третиот турнир во мал фудбал „Скопје 2014“

Вчеравечер, на стадионот кај Спортскиот центар во Ново Лисиче, со доделувањето на пехарите и прогласување на најдобрите и официјално беше затворен третиот по ред најголем републички Турнир во мал фудбал „Скопје 2014“. Турнирот за затворен по еден месец и неколку дена и безброј одиграни мечеви, го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто ги додели наградите.

Финалниот натпревар го  одиграа екипите на „Дени кетеринг“ и „Партнер дизајн“, а резултатот на крајот на мечот беше 1:3, а во фудбалскиот натпревар за трето и четврто место се бореа „Спортска гостилница“ и „Илинден“, па по нерешен резултат (3:3) на крајот на регуларниот дел од мечот, се играа продолженија, а со повеќе погодени пенали на крајот победи екипата на  „Спортска гостилница“. За најдобар голман на Турнирот, вчеравечер беше прогласен голманот на третопласираната екипа, Дарко Илиевски, а за најдобар играч и стрелец, вчера беше прогласен Драган Петровиќ од екипата „Партнер дизајн“ што го освои првото место.

t1

Градоначалникот Трајановски присуствуваше на финалните натпревари, на крајот на најдобрите екипи им ги додели наградите и истакна дека му претставува чест што секоја година во мултифункционалниот спортски комплекс во Ново Лисиче, на теренот каде што веќе традиционално се одигрува најголемиот републички Турнир во мал фудбал, присуствува и тој.

2

– За квалитетот на оваа манифестација говори постојаниот интерес кај екипите за пријавување, но она што посебно радува е многубројната публика, која и овој пат гледаше добри фер – плеј натпревари и уживаше во добрата дружба, и забава, како и во одличниот возбудлив фудбал. Би сакал да им честитам на првопласираните екипи, но и на сите учесници коишто придонесоа во изминативе месец дена да се популаризира ова спортско катче во општина Аеродром, рече градоначалникот Трајановски.

3

Во рамки на третиот Турнир во мал фудбал „Скопје 2014“, учествуваа 48 фудбалски екипи од Неготино, Кавадарци, Куманово, Скопје и околината и од други градови од нашава држава. Екипите беа составени од пет играчи и голман, натпреварите се одржуваа секој ден од 17.30 до 23 часот, а системот на натпреварување беше комбиниран, па така најнапред екипите беа распоредени во шест групи со по 8 екипи, а подоцна се играат елиминациските фудбалски натпревари. Наградниот фонд беше распределен: 180.000 денари за прво место, 60.000 денари за второ и 30.000 денари за трето место, а покровители на Турнирот, покрај спонзорите, традиционално веќе трета година по ред се Град Скопје и Општина Аеродром. За организацијата на овој турнир, Градот Скопје од Буџетот за 2014 година издвои 200.000 денари.