Заврши увидот на местото на хеликоптерската несреќа во Струмица

Заврши увидот на местото на хеликоптерската несреќа во Струмица. Во моментов се подигнуваат, обезбедуваат и селектираат сите остатоци од хеликоптерот, кои ќе бидат транспортирани во Скопје. Потоа ќе следува дополнително прибирање на податоци, а до Обвинителството треба да биде доставен и Извештајот од страна на Комисијата за истражување на воздухопловни несреќи, извести Канал 5.

Откако ќе завршат сите овие предистражни дејствија, надлежниот јавен обвинител ќе даде насока за натамошниот тек на истражната постапка, соопштија од Јавното обвинителство.

Повеќе детали за текот на истрагата од обвинителството не соопштуваат, бидејќи како што објаснуваат, секое наведување на можни причини за несреќата би претставувало шпекулација.  Одговори се чекаат и од црните кутии кои ќе бидат отворени и преслушани или во Скопје или кај производителот на полицискиот МИ-17 во Русија.