Завршија археолошките истражувања на античкиот театар во Скупи

Со финансиска поддршка од Министерство за култура, а во координација на Управата за заштита на културното наследство деновиве завршија археолошките истражувања на античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи, Скопје, соопшти Министерството за култура.

Почнувајќи од август 2013 година, истражувањата се реализираа во соработка со Филозофски факултет од Скопје и Музејот на град Скопје. За време на истражувањата на Античкиот театар, кој бил изграден за време на Хадријан и кој функционирал до крај на 4 век, археолозите пронајдоа околу 3.000 монети, керамика, бронзени предмети, коскени предмети. Станува збор за пронајдени над 5.000 предмети од различни културни хоризонти – железно време, римски период, доцноримски период и среден век.

Паралелно со археолошките истражувања, како што се наведува, беа спроведени и геофизички испитувања, а се направија и аерофотографии од театарот со кватрохоптер (дрон). Информациите околу ископувањата и пронајдоците на Скупи сега се достапни и на веб-страницата за локалитетот, а се планира и изложба со новите пронајдоци.

Истражувањето на театарот на Скупи беше капитален проект на Владата, а раководител на истражувањата беше д-р Антонио Јакимовски, професор на катедрата за Историја на уметност со археологија при Филозофски факултет во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.