Завршни разговори во МНР со новоименуваните вонредни амбасадори на Република Македонија

Денеска во Министерството за надворешни работи, во присуство на колегиумот се одржа завршен разговор со амбасадорот Василка Попоска Треневска, пред нејзиното упатување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Австрија, со амбасадорот Екрем Ебиби, пред неговото упатување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Швајцарската Конфедерација, и со амбасадорот Дарко Ангелов, пред неговото упатување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Грција.

Во рамките на своите излагања амбасадорите Попоска Треневска, Ебиби и Ангелов се осврнаа на внатрешно политичките и економски состојби, како и на надворешно-политичките активности на Австрија, Швајцарија и Грција.

Ги анализираа односите и актуелната соработка со овие земји, на билатерален и на мултилатерален план, а ги презентираа и активностите кои ќе бидат преземени по нивното стапување на функцијата, кои се во насока на продлабочување и интензивирање на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Австрија, Швајцарската Конфедерација и Република Грција.

Завршниот разговор го водеше Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој на крајот ги сумираше ставовите и предлозите, а даде и одредени насоки за активностите кои треба да бидат преземени од страна на амбасадорите Попоска Треневска, Ебиби и Ангелов по стапувањето на должноста амбасадори на Република Македонија во Виена, Берн и Атина.