Завршни зборови на судењето Груевски-Заев

На денешното рочиште на судскиот процес за клевета каде премиерот Никола Груевски бара 50 илјади евра оштета за невистините кои лидерот на опозицијата ги изнесе околу продажбата на “Македонска Банка” се очекува адвокатите на двете страни да ги дадат своите завршни зборови.

По ова на судскиот совет му останува да ја донесе пресудата и да го закаже термнинот кога ќе ја соопшти својата одлука.

На вчерашното рочиште, во судницата се соочија премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев кои ги дадоа своите искази.

Заев, кој се најде во мат позиција по сведочење на главниот сведок на СДСМ, Јовица Стефановиќ- Нини во понеделникот, вчера на рочиштето при распитот ретерираше од тврдењата изнесени на прес- конференциите, велејќи дека не тврдел, туку поставувал прашања за сомнежите што ги имал, но не тврдел.

Според премиерот Груевски, ваквото ретерирање од ставот од страна на тужениот следело откако Заев се соочил со тоа дека нема докази на суд, како и со фактот дека завчера неговиот клучен сведок директно го демантираше.

-Денес кога Заев се најде пред судот со сите сили се обидува да докаже дека не го кажал тоа што всушност го кажа, туку искажувал основ за сомнеж. Напротив, тој секогаш категорично твдеше дека јас сум зел 1.5 милиони евра во кеш, а во некои наврати и 2,4 милони евра и дека сум татко на криминалот. Соочен со тоа дека нема докази на суд, соочен со фактот дека вчера неговиот клучен сведок го демантираше како последна надеж за спас, се соочува со неговото обвинување за клевета, па вели дека само искажал свое сомнение. Мислам дека може да се сведе целата денешна дискусија на неговото тврдење дека само искажувал основ за сомнеж, иако јавно и на прес-конференции и на митинзи тој неосновано ме обвинуваше, изјави Груевски.

Со оглед на фактот што тужителот со дејствувањата и тврдењата на другата страна претрпел штета на углед и чест, која е ненадоместлива и не може да се изрази во пари, адвокатскиот тим на Груевски соопшти дека износот кој сега го бараат се намалува за 10 пати и изнесува 50.000 евра. По ова, Заев изјави дека сумата била ирелевантна, односно било небитно дали се 500.000 евра или 50.000 евра.