Завршницата на женскиот Кошаркарски Куп на Македонија во “Градски Парк”

Завршницата од 23-то издание на Женскиот Кошаркарски Куп на Македонија, на која ќе настапат екипите на Бадел 1862, Лотос, МНА Кожувчанка и Струга 2009, по три години повторно се враќа во Скопје. Салата “Градски Парк” ќе ги пречека четирите најдобри екипи во сениорска конкуренција, како и двата финалисти во младинска конкуренција во текот на двата дена од викендот, на 21 и 22 март 2015.

Според системот за натпреварување, извлекувањето на полуфиналните двојки ќе биде полудиригирано со тоа што актуелниот освојувач Бадел и лидерот на табелата во првата женска лига по првиот дел на сезоната, тимот на Лотос, меѓусебе ќе можат да се сретнат само во финалето. Заедно со Бадел и Лотос, на Фајнл Фор турнирот во салата “Градски Парк” во Скопје ќе настапат и МНА Кожувчанка и Струга 2009.

Извлекувањето на полуфиналните двојки ќе се одржи во понеделник (16 март 2015) во 12:00 часот во просториите на МКФ, кога ќе бидат соопштени и повеќе детали во врска со организацијата на Фајнл Фор турнирот, заедно со точните термини за почеток на натпреварите.
Покрај трите средби (две полуфинални и едно финале) во женска сениорска конкуренција, еден натпревар (финале) ќе се одигра и во младинска конкуренција, каде за пехарот ќе играат Бадел 1862 и Младост Битола.

Актуелен освојувач на Купот во женска сениорска конкуренција е Бадел кој лани во Охрид го совлада Кросиг во финалето со 77-57. Што се однесува до младинките (до 18 години), актуелен освојувач е Кросиг кој пак славеше над Бадел со 65:51.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.