Македонија

Завршува лустрацијата, новиот Закон го помина првото читање

Завршува лустрацијата, новиот Закон го помина првото читање

Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува. Сметаме дека траеше сосема доволно за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што всушност беше и главната цел на процесот, рече денеска пратеникот Илија Димовски, образложувајќи го пред Собранието Предлог-законот за престанување на важење на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност во прво читање, пренесува МИА.

Покрај Димовски, предлагачи на законот се и Талат Џафери, Рафис Аљити и Антонијо Милошоски.

– Сите акти што се донесени, а се поврзани со процесот на лустрација ниту се укинуваат, ниту се поништуваат. Но, предлагаме, врз база на наша проценка, Собранеито да утврди завршување на процесот на лустрација. Сметаме дека лустрацијата траеше сосема доволно време за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што всушност беше и главната цел, не како казна или укор за оние што кодошеле во минатото, туку како процес со кој требаше да се извадат и се извадија на виделина многу темнини од минатото во Македонија, истакна Димовски.

Комисијата за лустрација во досегашниот период разгледа околу 30 илјади случаи на актуелни вршители на јавни фунцки, кандидати за вршители на јавни функции и поранешни функционери, а во близу 300 случаи утврди дека лицата кои биле предмет на разгледување, соработувале со тајните служби.

– Лустрираните не беа жртви, жртви беа кодошените, оние кои биле прогонувани и затворани поради идеолошки и политички причини, кои биле ликвидирани со и без судски пресуди, кои со децении биле под постајан полициски надзор, биле тепани, следени, прислушувани, обесправени, насилно преселувани, оние на кои им бил национализиран имотот, кои ги губеле работните места или воопшто не ги добивале, кои ги губеле граѓанските права, правата на пензии иако учествувале во војната како дел од партизанските одреди, потенцира Димовски.

Делото на секој за кој што се утврди дека кодошел, без разлика дали бил пистал, политичар, економист, режисер, никој во ниту еден момент не го оспори, додаде, но фактот дека кодошеле на сметка на свои роднини, пријатели, колеги, мора да се дознае како поука за идните генерации – како не смее да се постапува и да се загрозуваат човековите права.

Димовски оцени дека сите нелогичности и критики насочени кон лустрацијата, ги продуцираше левицата. Со списоците амндмани потпишани од колеги од левицата се релативизираше и се намалуваше значењето на лустрацијата, нејзиниот опсег, дури и не се објавуваа имињата, документите, архивските податоци што потоа се злоупотребуваше – дека Комисијата за лустрација работи тајно, посочи Димовски.

Според него, ако се прашуваше единствено ВМРО-ДПМНЕ, лустрацијата ќе беше многу попрецизна и поефикасна, со поголем опфат. – Идејата на Живко Чинго, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Ристо Шишков,…со или без овој закон, победи. Денес живееме во демократија, во независна и суверена Македонија, нагласи Димовски.

Во образложението, тој потсети и дека Советот на Европа и Европскиот парламент во неколку наврати донесоа декларации кои директно го поддржаа процесот на лустрација во земјава и генерално апелираа и ги насочија сите држави од поранешниот комунистички систем во централна и источна Европа да се справат со недеморкатското наследство токму на овој начин.

Реагираше Роза Топузовска-Каровска со констатација дека лустрацијата во Македонија воопшто не е почната, дека процесот е задоцнет и дека Комисијата за верификација на фактите работеше селективно. Таа смета дека соработници на тајните служби има многу повеќе од востановените 300-та.

– За жал, законот не ја исполни основната цел – да се исправи историската неправда, да бидат лустрирани оние кои јасно имаат потпишано согласност со службите. Комисијата работеше селективно и се зафати со одамна починатите наместо да ги разгледа документите на оние кои во овој момнт се на јавни функции, пртеници, министри, директори,…, Топузовска-Каровска.

Според неа, мора да има јасни рокови до кога ќе функционира Комисијата за лустрација.

Рафиз Алити се согласи дека вистинската лустрација во Македонија се уште не е почната, но не и со тоа дека законот беше лош.

– Пратеничката група на ДУИ даде поддршка за овој закон, а сме потписници и на денешниот предлог-закон. Мислевме дека ќе се постигне целта што барем беше наше тежнеење – да има вистинска лустрација. Се согласувам дека ова е задоцнет процес, ефектите ќе беа подобри ако законот се донесеше во деведесетите години, но тогаш немаше такво расположение, нагласи Алити, подвлекувајќи дека Македонија треба да ги побара досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација. Дотогоаш, рече, работите ќе останат отворени.

Во дискусијата се вклучи и Влатко Ѓорчев, нарекувајќи ги членовите и симпатизерите на СДСМ апологети на комунизмот кои зад наводен демократски социјализам промовираат апсурден став, зборуваат за диктатура и режим, а во времето на Југославија една партија владееше 12 мандати по четири години без избори.

– Секој денес може да каже или да напише што сака, има десетици телевизии и весници, стотици интернет поратли ама тоа не било демократија, рече Ѓорчев.

Согласно предлог-текстот на Димовски, Џафери, Аљити и Милошоски, Комисијата за лустрација ќе продолжи да работи додека не завршат постапките за кои се изречени решенија, но кои се во жалбена, односно судска постапка. Исто така се предлага, Собранието на Комисијата да и го одземе мандатот од 1-ви септември, таа да нема право да почнува нови постапки, а за постапките кои се почанти, но за кои нема изречено решение, да нема право на изрекување првично решение.

Се предлага и важноста на изречените конечни решенија да биде пет години, независно кога се донесени.

По образложението на предлогот, Димовски искажа подготвеност да се разгледаат амандамни кои би придонеле за да нема какви било нејаснотии или проблеми во функционирањето на Комисијата за лустрација.

Пратениците претходно донесоа неколку закони и усвоија предлог-решенија со заклучок дека може да се дадат на натамошно, второ читање.