Завршува повикот за бањско климатска рекреација за пензионерите

Повикот за поднесување на барање за користење на услугата „Бањско климатска рекреација на корисниците на пензија за 2014 година” завршува заклучно со 14-ти февруари.

Барањето за користење на услугата се поднесува во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија најдоцна до 14 февруари 2014 година.

Изборот на корисниците на пензија коишто ќе користат услуга на бањско климатска рекреација за 2014 година ќе го врши Комисија за разгледување и рангирање на корисници на пензија за бањско климатска рекреација, составена од претставници од повеќе институции.

Рангирањето на корисниците на пензија коишто ќе ја користат оваа услуга ќе се врши според бодови и тоа: до 60 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, 10 бода за лицата коишто користат помош и нега од друго лице.

При рангирањето на корисниците на пензија ќе се има во предвид фактот дали пензионерот ја користел услугата во 2010, 2011, 2012 или 2013 година, односно тие што претходно ја користеле услугата нема да може истата да ја користат и во 2014 година. На овој начин се отвора можност на други корисници  да бидат соодветно рангирани  и да ги користат услугите од овој проект.

Списоците со податоци за корисници на пензија коишто ќе ја користат услугата за бањско климатска рекреација ќе се објават на веб страниците на Министерството за труд и социјална политика и на  Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, најдоцна до петти март оваа година.

Корисниците коишто ќе ја користат услугата ќе добијат и известување за терминот и бањата каде што може да ја користат услугата.

Услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до  ноември 2014 година, во траење од седум дена и опфаќа : шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација.

За услугата бањско климатска рекреација  заклучно со 12.2.2014 година,  поднесени се 18.165 барања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.