Завршува процесот на лустрација: Пратениците со свои ставови

Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денес  ги посочи причините за предлагање на законот со кој завршува процесот на лустрација.

– Цениме дека процесот на лустрација е спроведуван во Република Македонија значајно долго време. Во овој момент оценивме дека има потреба за намалување на конфликтноста на политичко ниво во македонското општество во насока на пронаоѓање на заедничките приоритети и побрзо чекорење кон евроатланските интеграции и трето, во извештаите на ЕУ, специјално во извештајот на Прибе имаше насока да се предвиди завршување на процесот на лустрација, наведе Димовски, пренесе МИА.

Димовски, е еден од четворицата предлагачи на овој Закон, за кој денеска собраниската Комисија за политички систем констатираше дека има потреба од негово носење.

Со новиот закон, на 1-ви септември завршува процесот на лустрација, но не и за постапките кои се веќе започнати. Мандатот на комисијата треба да заврши откако ќе биде донесено последната судска одлука за некое од решенијата, за што дел од пратениците сметаа дека треба да се промени бидејќи не може да се претпостави кога би се случило тоа.

Од почетокот на функционирањето Комисијата за верификација на фактите досега спровела постапки за повеќе од 30.000 лица, најголем дел од нив сегашни и поранешни вршители на јавни функции, како и кандидати за овие функции.

– За близу 300 лица беше утврдено дека соработувале со службите, рече Димовски. Со овој закон, потенцираше тој, не се укинува лустрацијата, се завршува процесот на лустрација.

Ќе останат во важност сите решенија на Комисијата за лустрација со кои се утврдува соработката со органите на државната безбедност и ќе важат пет години од денот на конечноста на решението.

Процесот на лустрација беше значаен, рече Димовски, за да се отворат црните петна од минатото од периодот кога за соработката со службите како многу лица напредуваа во своите кариери, добиваа повластени можности за напредок како професионален така и приватен, различни бенефиции како и финансиски надомест.

– Жртви не се оние кои беа лустрирани, жртви се оние кои биле кодошени, на кои им било загрозувано правото на живот, оние кои биле затворани, судени без релеватни докази, судени врз база на идеолошки и политички причини, на кои им бил национализиран имотот, кои биле иселувани од своите огништа, на кои им било забрането да напредуваат кои ги губеле своите работни места заради различно идеолошко или политичко убедување, потенцираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него со процесот на лустрација видовме како одел процесот на кодошење, кој кодошел, кој доброволно го правел тоа, кој бил принуден, врбуван, кои биле жртви.

– Одредени личности, фондации вложија многу средства, огромни напори да го стопираат, да го спречат и да го нарушат кредибилитетот на процесот на лустрација. Најчесто тоа беше од лични причини, рече Димовски.

Досиеа на лицата кои соработувале со тајните служби
Жртви не се оние кои беа лустрирани, жртви се оние кои биле кодошени

Дел од пратениците сметаат дека треба да се ограничи Мандатот на Комисијата за лустрација

За новиот закон со кој што практично завршува процесот на лустрација, но не и Мандатот на Комисијата, дел од пратенците имаат свој став.

Роза Топузова Каревска, независна пратеничка и Кенан Хасипи од ДПТ сметаа дека треба да се ограничи мандатот на Комисијата за лустрација имајќи предвид дека конечните судски одлуки би можеле да бидат донесени дури по пет или шест години. Хасипи предложи во законот да се додаде член со кој одлуката на судските органи да биде крајна и конечна.

Димовски рече дека предлагачите ќе го разгледаат предлогот и оти доколку се утврди дека постои правна основа би можело да биде вграден во текстот.

Топузова Каревска истакна дека законот за лустрација не си ја исполнил својата функција и оти се одалечивме од основната цел.

– Триста луѓе се многу мала бројка на лустрирани. Пристапот на Комисијата беше селективен, одредени досиеја се забошотуваа и некои од соработниците со тајните служби беа и се недопирливи од 45-та година, од 90-та и во овој период, рече пратеничката.

Праша што ќе биде оние што не се најдоа на дневен ред и што со оние што ќе треба да бидат на јавни функции во иднина.

– Во 90-тите години беа регрутирани нови соработници. Некои останаа на своите функции, а жртвите си останаа жртви, рече Топузова Каревска.