среда, 26 јули 2017  |  Вести денес: 26

Политичките лидери постигнаа договор за ДИК

Од средбата, како што беше најавено, ќе биде испратено заеднички усогласено соопштение меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Политичките лидери постигнаа договор за ДИК

Политичките лидери постигнаа договор за ДИК

Поврзани вести

Лидерите  на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, на денешната средба во Клубот на пратениците постигнааа договор за целосниот состав на Државната изборна комисија (ДИК).

– Препорачуваме Парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Алсекаднар Чичаковски за независни експерти во ДИК. Го покануваме Парламентот да ги финализира неоходните постапки што е можно побрзо, со цел  ДИК да започне со својата работа и да ги преземе своите должности за подготовка на веродостојни избори и да придонесе за создавање рамноправни услови во предизборието, се наведува во заедничката изјава на четворицата лидери објавена по средбата.

Тие ги повикуваат сите државни институции целосно да ја поддржат ДИК во, како што се  наведува, оваа тешка задача.

– Ја покануваме ДИК да ги донесе неопходните одлуки за прашања како што се кадровското екипирање, вклучувајќи професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки врз основа на законските начела без политичко влијание, се наведува во заедничката изјава.

Лидерите ги повикуваат граѓаните да пријават какви било злоупотреби кои ги воочиле до ДИК и другите официјални тела со релевантни овластувања, како што е Народниот правобранител.

Претходно по завршувањето на јавниот оглас партиите предложија членови на ДИК и тоа ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева и Сашо Срцев, СДСМ Виолета Дума и Игор Милев, ДУИ Субхи Јакупи, а ДПА Бедередин Ибраими.

Претседателот и потпретседателот на ДИК ќе се бираат од редот на експертите, според новите измени на Изборниот законик.

Утре во Собранието на Република Македонија, според најавите, ќе се одржи седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која треба да бидат потврдени имињата на деветмината членови на ДИК. Во текот на денот се очекува да биде свикана и пленарна седница на која ќе биде изгласан новиот состав на ДИК.

Белгискиот посредник Питер Ванхауте, по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците, изрази задоволство од постигнатиот договор за експертите на Државната изборна комисија (ДИК) и најави дека во следните денови ќе продолжат разговорите за медиумите, објави МИА.

– Се надевам дека ова е почеток на еден голем исчекор бидејќи има уште многу преостаната работа за изборите. Се надевам дека во следните денови ДИК ќе работи на назначување на генерален секретар и другиот неопходен персонал. Потребно е бргу да се има добра и функционална ДИК, рече Ванхауте.

Според него, постигнатиот договор денеска покажува дека овој процес на ниво на Работни групи и политичкиот дијалог меѓу политичките партии функционира. Изрази задоволство што процесот ги вклучува владејачката коалиција и опозицијата и дека тие се заедно во овој процес.

Следните денови, како што најави, ќе повторно ќе започнат разговорите за медиумите и уште некои други прашања кои се на агендата.

– Се надевам дека исто така ќе биде постигнат напредок и за овие прашања кои исто така се многу важни за успешни избори следната година. На агендата се законите за медиуми, за Агенцијата за медиуми, МРТВ, глобите за медиумите. Дополнително ќе разговараме за канцеларијата на Народниот правобранител, за Комисијата за спречување на корупцијата, како и за прашања кои се поврзани со законот за клевета, што е исто така многу важно за медиумите, рече белгискиот посредник.

Краен рок за договор за медиумите, како што кажа, засега нема, но се надева дека нештата ќе се решаваат што е можно поскоро, бидејќи ова се итни реформски приоритети кои ги бара ЕУ.

Во однос на оставката на премиерот, Ванхауте смета дека тоа ќе се одвива според планот бидејќи тоа е договор меѓу четирите партии.

– Веруваме дека сите ќе го почитуваат и ќе се однесуваат во согласност со договорот, рече Ванхауте.

Најчитани вести