Завршија тридневните севернокорејски консултации во Шведска

Севернокорејскиот министер за надворешни работи и неговата шведска колешка по должност ги завршија во саботата тридневните разговори концентрирани на мирното решавање на нуклеарното прашање ја Корејскиот полуостров.

„Министрите за надворешни работи разговараа за можностите и предизвиците на дипломатските напори кон постигнување на мирното решавање на спорот, како и за билатералните односи“, соопшти шведското министерство за надворешни работи.

Се додава дека Северна Кореја треба да продолжи да дејствува во согласност со неколкуте резолуции на Советот за безбедност при Обединетите нации, кога станува збор за нуклеарната и ракетна програма на Пјонгјанг.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо пристигна во четвртокот на разговори со шведската шефица на дипломатијата Маргот Валстром, една седмица откако американскиот претседател Доналд Трамп начелно ги прифати предлогот за организирање на историски самит со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун.

Разговорите во Стокхолм требаше да завршат во петокот, но двете страни одлучија да ги продолжат, за да извлечат позла од „конструктивната атмосфера“, како што ги нарече министерката Валстром.

Американскиот претседател Трамп се согласи да се сретне со Ким до крајот на мај, за да разговараат за севернокорејската нуклеарна програма. Засега не е познато ниту кога, ниту каде би можеле да се сретнат двајцата челници.

Светските агенции нагаѓаат дека е можно Шведска да биде изборот за домаќин на споменатиот самит. Но шведското министерство за надворешни работи не ја спомена таа можност, и во соопштението со кое ја најави средбата на Валстром и Ри само наведе дека ќе се водат разговори за шведската улога во конзуларната заштита во Пјонгјанг, САД, Канада и Австралија.