Завршната сметка на Буџетот за 2015-та година пред пратениците, остварен повисок раст од предвидениот

Министерот за финансии Кирил Миновски пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја обрзаложи завршната сметка на Буџетот за 2015 година.

Министерот потенцира дека фискалните политики предвидени за 2015 година се остварени, а некои параметри се надминати. Остварен е раст повисок од предвидениот, извозот бележи раст во однос на увозот, а стапката на невработеност е намалена на најниско ниво досега од 24,6 проценти.

Минатата година Македонија остварила раст од 3,7 проценти што е највисок во регионот и еден од најдобрите остварувања споредено со земјите од Европската унија.

Економскиот раст се должи на растот на извозот и потрошувачката како и на фискалниот стимул преку буџетските расходи за инфраструктурни проекти што резултираше со висок раст на градежната активност, рече Миновски.

Извозот забележал раст од 4,6 проценти како резултат на активностите на компаниите во слободните економски зони, а раст од 4,9 проценти имало и кај индустриското производство пред се поради зголеменото производство во слободните економски зони и позначителниот раст во производството на моторни возила и машини. Невработеноста е намалена на најниско ниво досега што, како што посочи Миновски, се должи на инвестициите на странските инвеститори во слободните економски зони и на владините активни мерки за вработување.

Вкупните приходи на Буџетот биле 161 милијарда денари, расходите 180 милијарди денари, а дефицитот изнесувал 19 милијарди денари.

Државниот долг, како што истакна министерот Миновски, бил на умерено ниво, односно изнесувал 38 проценти од БДП.

Како резултат на внимателната и успешната фискална политика во изминатите години Република Македонија и понатаму останува умерено задолжена земја со државен долг на крајот од 2015 година во износ од 38 проценти од БДП кој е понизок од пропишаниот со Мастришкиот критериум со кој државниот долг не смее да надмине 60 проценти од БДП. Во контекст на ова говори и фактот што само четири држави во Европската унија на крајот на 2015 година имаат понизок државен долг од Република Македонија, подвлече Миновски.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, завршната сметка на Буџетот е потврда за успешните економски политики што се воделе минатата година, но како што посочија, наметнатата политичка криза, ќе се одрази врз фискалните параметри за 2016 година.

За жал со оглед на политичката криза, растот остварен во 2015 година, нема да го оствариме во 2016 година. Најголемиот виновник на целата оваа ситуација е опозицијата која свесно оди на рушење на сите сегменти на државата, особено на развојот на македонската економија, оцени пратеникот Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Завршната сметка на Буџетот треба да биде разгледана и на пленарна седница на Собранието на Република Македонија.