Завршува откупот на тутунот, тутунарите задоволни од постигнатата цена

До крајот на февруари ќе заврши откупот на тутунот во земјава. Реколтата иако помала, нешто повеќе од 20.000 тони, сепак квалитетна. Тутунарите се задоволни од постигнатата цена. Со просечната цена од 186 денари и уште 60 денари државни субвенции, тутунарите добија по 4 евра за килограм.

Квалитетна реколта тутун, добра цена и стимул за рентабилно тутунопроизводство. Вака ја оценуваат ланската реколта тутун од Сојузот на тутунските здруженија. Откупот е при крај. Остануваат уште 2.000 тони што ќе се преземат до крајот на месецов. Со досега откупените 18.000, реколтата се заокружува на над 20.000 тони тутун.

Задоволството кај тутунарите го има, а нормално и кај нас. Достигнуваме добра цена. Мислам дека задоволството ќе биде обострано, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунарските здруженија на Македонија во изјава за МРТ.

До крајот на месецов тутун ќе се купува во само во прилепскиот дел на Пелагонија. А почнаа и подготовките за новата реколта. Годинава на теренот ќе излезат 10откупувачи, вклучувајќи  ја и грчката фирма „Секе“. Во Сојузот ги очекуваат на ревизија договорите со компаниите во кои ќе има зголемување на цените. Ќе бидат заштитени интересите на преку 30.000 тутунарски семејства во земјава.